Овој вторник (01.03.2016) во галериските простори на НЛБ Тутунска Банка, во 20ч ќе се отвори втората самостојна изложба на Катја Штркова Кочовска. По првата во 2012-та насловена како „Tributes“ (која ако може да забележиме беше навистина неверојатен збир на портрети), таа сега ни се претставува со „Во Текстури“, концепт кој самата го објаснува на следниот начин:

„Проектот се состои од фотографии кои вклучуваат субјект и архитектура од еден град (вклучувајќи и екстериер и ентериер од одреден објект/и). Фотографиите се игра на сенки и форми, снимени во обичното „живеење”на градот во својата големина, со која фотографиите добиваат визуелно графичка нота. Во поголемиот дел од делата (фотографиите) човекот т.е. субјектот има споредна, но истовремено и клучна улога, наспроти архитектонскиот елемент и композицијата во која е снимен. Темата се третира како т.н. соработка со објектот и човекот со својата форма и физикус, или спонтаната улога на човекот во шемата/текстурите на еден град.

Поднаслов на „Во Текстури” е „Јас и градот”, каде „ЈАС“ е секоја единка во општеството, како и истовремено е портрет на самиот автор и неговото видување на една средина. „ГРАДОТ“ е секое урбано место, затоа освен Скопје, има фотографии во кои им е доделена улога и на Велес, Ровињ, Пореч, Белгради др. Изложбата ја сочинуваат 40 фотографии во црно бела техника. Фотографиите не се пејсажни и не откриваат точна информација за кој град станува збор, главниот детал се дезените, формите и човекот кој помага (не)намерно да се оформи композиција. Проектот опфаќа дела снимени во изминатите 3 години, како и овогодинешни фото записи.“

Ова е прво самостојно концепт претставување на авторот со дела од жанрот на уличната фотографија, а второ самостојно изложување пред јавноста.

Изложбата ќе биде поставена и може да ја погледнете од 01.03.2016 до 07.03.2016