Соработката на Huawei со најзвучниот фотографски бренд Leica е само по себе нешто несекојдневно во светот на фотографијата и во динамичниот свет на мобилните телефони. Уште од првичните најави, знаевме дека ќе биде вредно за внимание, без оглед на тоа што првенствено се работи за камера на мобилен телефонски уред.

Новиот Huawei P9 одлично лежи во рака и алуминиумското тело ви дава одлично чувство додека го држите. Големиот 5.2” екран, моќниот процесор од 2.5Gz 64-bit и релативното долгиот циклус на батеријата од 3000mAh ви овозможуваат брзо и непречено ракување со телефонот. Сепак, тука сме првенствено за камерата: иако се сретнува и претходно од други производители, системот на двојната камера со потписот на Leica е новитет и хит и во двете индустрии.

leica

Системот не ги користи двете камери за да фотографира во различни фокални должини, туку едната камера користи RGB сензор за да ја сними бојата, а другата користи монохромен сензор кој е задолжен за снимањето на деталите на сцената. Потоа, се спојуваат во финална фотографија која, како што наведува производителот, нуди супериорно ниво на детали, длабочина и боја. И можеме да потврдиме дека не се далеку од вистината.

Системот за фотографија се одликува со неколку интересни детали за фотографите, покрај стандардните: raw формат, целосна мануелна контрола на експозицијата или pro mode, како и laser-assisted autofocus.

Pro mode, или модот за мануелна контрола на сетинзите овозможува да избереме големина на ISO (50-3200), брзина на експозицијата (1/4000 – 30sec.), компензација на експозицијата, типот на autofocus, white balance и metering patterns. Но, треба секогаш да имаме предвид дека се работи за сензор на мобилен уред. Вреди да се напомене тоа што во текот на фотографирањето може да се одберат две посебни точки: една за фокусот и друга за мерењето на експозицијата. Опција што во другите камери на мобилните телефони засега ја нема.

Освен pro mode-от, можеме да одбереме и некоја од веќе стандардните опции: Monochrome, High Dynamic Range (HDR), Night Shot, Light Painting, Time Lapse и Slow-Motion. Исто така, можеме да избереме големина на резолуцијата (12MP, 9MP или 6MP) и размерот (16:9, 4:3 или 1:1).

huawei_p9

Најголемата критика што ја имаат камерите на мобилните телефони е тоа што не се во можност да произведат фотографија со плитка, односно мала фокусна длабочина. Huawei P9 се обидува да направи нешто околу ова и нуди можност за фотографирање со плитка длабочина на фокусот со тоа што вештачки ја блурира позадината. Одличната карактеристика е тоа што и откако ќе ја снимите фотографијата, потоа можете да ја изберете фокусната точка и да го дефинирате отворот на блендата, кој што варира од f0.95 до f16 за да го одберете саканото ниво на длабинската острина. Сепак, дали ‘ќе функционира’ ова или не, зависи од самата сцена, бидејќи целиот процес се одвива софтверски. Кога ќе се соочиме со сцена која што не може да биде преработена на вистинскиот начин, резултатите што ќе ги добиеме нема многу да не’ задоволат. Како и да е, ова е многу кул опција која што гарантира добра забава и експериментирање во фотографирањето кои што сигурно ќе резултираат во одлични и несекојдневни фотографии.

Самите фотографии се со одличен колоритет и одлично ниво на острина. Исто така, камерата е ‘склона’ кон потоплите тонови од white-balance-от, што донекаде може и да биде проблем. Мене лично тоа многу ми се допаѓа, иако секогаш ќе се најдат и одредени фото љубители на кои што ваквиот тип на фотографии можеби и нема многу да им се допадне. Сепак, се работи за вкусови. Големата резолуција од 12MP (3968х2976) заедно со горенаведените можности на самата камера, овозможува непречена обработка на истите и нивна релативно зголемена употреба за фотографии снимени со мобилен телефон.

Треба да се напомене дека при активно фотографирање од 10-15 минути, телефонот се загрева и е непријатно истиот да се држи во рака. Загревањето не го попречува користењето на останатите функционалности. Откако ќе го ‘одморите’ малку, повторно се враќа во нормала.

Како заклучок ќе наведеме дека Huawei P9 e одлично парче најнова технологија со одличен систем за фотографирање. Huawei и Leica завршиле добра работа и камерата на P9 е подобра и понапредна од повеќето најнови модели на мобилни телефони. Доколку сте фотограф и доколку ви треба камера која што секогаш ќе биде со вас, а притоа на неа можете да ги симулирате и најважните фотографски техники како и на вашиот dSLR, тогаш Huawei P9 е супер телефон за вас.