Со гордост и огромно задоволство ве каниме на првата самостојна изложба на нашата соработничка Ерина Богоева. Нејзиното првенче, збирката фотографии насловена „Животот на улиците низ Европа“ („Street life in Europe“) ќе биде поставена во изложбениот простор на ЕУ Инфо центарот во Скопје. Отворањето на изложбата е во сабота, 14 мај 2016 во 13:00 часот, а ќе трае до 20 мај 2016.

Европската улица е дарежлив уметнички мотив: некогаш таинствена, променлива, некогаш искрена, верна, но еднакво впечатлива; некогаш весела, полетна, некогаш меланхолична, носталгична, но еднакво емотивна; некогаш кротка, тивка, контемплативна, некогаш разиграна, бучна, возбудена, но еднакво – жива. На ваквите, вдахнувачки улици низ неколку европски градови, Ерина создаде збирка фотографии за разноликоста на приказните на луѓето во Европа – за инспиративната разноликост на нашите приказни.

Повелете, посетете ја изложбата, погледнете го и доживејте го животот, Европа и животот во Европа од перспективата на еден млад, брилијантен фотограф.

Тимот на Ревошот ѝ ја честита на Ерина нејзината прва изложба и верува дека нејзиниот талент и творечки немир ќе ја одведат пред нови предизвици и до многу нови изложби.

 
13131381_491996430999878_7497422745882845763_o