(На есперанто, "revo" значи "сон")

Revoshot е блог посветен на фотографијата. Блогираме од и со љубов за фотографијата како уметност и како практика.

Фотографите, како и другите уметници, силно се стремат кон подобрување, кон раст. Уметничкото растење и созревање се невозможни без поместување на границите на сопствените вештини и креативност и без самоспознавање. Оттука, предизвиците се добредојдени. Цел ни е да ве предизвикаме да се обидете повторно и да се обидете во нешто ново.

Уште повеќе, потребата на уметниците за инспирација е неумолива. Менталната молња каква што е идејата која вреди да се истражи е искуство неспоредливо со кое било друго. Таа е најдобрата потврда за нивната уметничка природа, им го ревитализира ентузијазмот и им ја зацрстува решеноста за уникатно уметничко постигнување. Цел ни е да ве инспирираме вас и да ја инспирираме вашата следна фотографија.

Фотографијата е моќен медиум. Може да ви раскаже приказна. Може да ви пренесе емоција. Може да ве одведе на патување низ времето и просторот. Гледајќи во една фотографија, може да станете сведок на важен настан. Или да забележите нешто занемарено. Во секој случај, ќе дојдете до прекрасно откритие. Цел ни е да ви презентираме моќни фотографии од целиот свет.

Придружетени се - и да ги достигнеме фотографиите од соништата.

Јане Наумоски

Со фотографијата ме запозна татко ми, и самиот фотограф, и ми ги одржа првите, непроценливи лекции. Со тек на време, фотографијата ми прерасна во вистинска пасија. Дополнително, таа е комплементарна на мојот ангажман како UI дизајнер. Сакам да правам фотки од обичното, секојдневното, и, преку фотките, (одново) да ја откријам неговата убавина. Исто така, уживам да фотографирам портрети и храна.

Ерина Богоева

Од кога паметам за себе, сакав да ги овековечам моментите низ животот. Затоа фотографијата се покажа како одлично хоби за мене. Фотографијата стана издувен вентил за мене, некој вид на емотивен резултат на секојдневието. Тоа е она што ме балансира. Најмногу сакам портрет фотографија, но гајам и огромна љубов спрема фотографирање на напуштени места.

Димитар Атанасов

Професионално се бави со фотографија повеќе од 7 години, а неговите полиња на интерес се најмногу во комерцијалната и microstock фотографијата. Кога не е затворен во студио, за ќејф и релаксација ги усовршува и другите фотографски стилови од кои најмногу портретите и стрит фотографијата, а во последно време се подлабоко навлегува и во светот на видеото.